Лабуристичката пратеничка Џо Кокс почина откако во неа беше пукано и беше прободена со нож повеќе пати, по работен состанок кој го имала вчера вечерта.
Полицијата потврди дека го уапсила 52-годишниот Томи Мер кој е осомничен за убиството, во близина на местото каде е најдена пратеничката.
Полицијата истражува наводи дека убиецот кога го извршил нападот извикал „Британија на прво место“, можна референца за крајно десната партија со исто име од Британија, пренесе Гардијан.
Сопругот на пратеничката, Брендон Кокс изјавил дека таа верувала во својата работа и не би имала никакво каење, бидејќи го живеела животот во целост, во секој момент.
„Таа веруваше во подобар свет и се бореше секој ден со енергија која ќе ги измореше повеќето луѓе. Таа ќе сакаше две работи, нашите деца да се обвиени со љубов и второ да се обединиме сите за да се бориме со омразата која ја уби. Омразата нема верба, раса или религија, таа е отровна“, изјавил тој.
Гардијан објави дека осомничениот за убиството купувал водичи за правење оружје и експлозиви од американски нео-наци групации.
Сметките од кои некои датираат и од 90-тите покажуваат дека Мер потрошил повеќе од 620 долари на литература од група, која се бори за креација на бело општество и уништување на Евреите. Исто така според весникот, има наводи дека Мер бил претплатник на SA Patriot, јужно африкански магазин кој го поддржува апартхејдот, е против мултикултурни општества и ширењето на Исламот.
Џо Кокс во Британија беше гледана како една од најнадежните растечки ѕвезди во Лабуристичката партија.
Пратеничката Кокс се залагаше за развој и хуманитарни каузи, со голем интерес на социјалните прашања. Беше анти-расистка, феминистка, даваше поддршка на имиграцијата на мигрантите и беше особено гласна за хуманитарната криза во Сирија.




