Жаклин Сатон, поранешна новинарка на ББС која работела за ОН, е пронајдена мртва на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул под сомнителни околности, пишува весникот Гардијан.
Сатон патувала од лондонскиот аеродром Хитроу и слетала во Истанбул, откако го пропуштила летот за Ербил, во Ирак. Нејзиното тело, обесено во тоалетот го пронашле тројца руски патници.
Турскиот весник Хуријет пишува дека нејзините пријатели и соработници сметаат дека е невозможно да извршила самоубиство и тврдат дека е убиена, во моментопт кога ги менувала авионите.
Нејзината колешка и соработничка, Ребека Кук вели дека не е јасно како Сатон умрела и повикува на меѓународна истрага.
„Шокантни и тажни се вестите за смртта на Џеки Сатон во Истанбул. Потребна е меѓународна, не само локална, истрага “, изјави таа за Асошиејтед прес.
Сите што ја познаваат се скептични дека таа извршила самоубиство.
Сатон работела како директорка на Институтот за известување за војна и мир, организација која ги поддржува активностите на новинарите во кризни ситуации.




