Британската министерка за меѓународен развој Прити Пател поднесе оставка по средбата со премиерката Тереза Меј.
Таа деновиве беше мета на остри критики поради непочитување на дипломатскиот протокол за време на приватниот семеен одмор во Израел.
Пател тогаш остварила средба со високи израелски претставници, меѓу кои и премиерот Бенјамин Нетанјаху, а претходно не ја информирала британската Амбасада.
Освен тоа, Пател ја посетила и израелската воена мобилна болница на Голанската Висорамнина, каде се наоѓаат повредени лица од Сирија.
Британските власти не ја признаваат контролата на Израел врз Голан, кој е освоен од страна на израелската војска за време на шестдневната војна во 1967 година и подоцна анектирала.
Дипломатскиот протокол налага британските министри и високи претставници да не патуваат на Голан, ниту на Западниот брег и источниот дел на Ерусалим кој е под патронат на Израел.
Затоа посетата на британската министерка на полската болница како гостин на израелската Влада за време на нејзиниот одмор претставува јасно кршење на протоколот.
Пател е втор член на британската Влада кој заминува од функцијата за краток период, откако министерот за одбрана Мајкл Фалон на 1 ноември поднесе оставка по обвинувањата за сексуално вознемирување.




