Европскиот комесар за финансиски услуги Британецот Џонатан Хил, 56 години, денес поднесе оставка на својата функција во Европската комисија. Тој изјави дека е “многу разочаран” од одлуката на своите сограѓани да ја напуштат ЕУ.
“Со оглед на тоа што минуваме во нова фаза, мислам дека не е добро да продолжам да бидам британски комесар како ништо да не се случило”, објасни Хил преку соопштение.
Тој пред неколку недели разговарал со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер кому му рекол дека, во случај на Брегзит, тој ќе поднесе оставка.
“Како и многумина во Велика Британија, јас сум многу разочаран од резултатите на референдумот. Би сакал тоа да се завршеше поинаку но британскиот народ донесе поинаква одлука. Така функционира демократијата”, изјави Хил.
Јункер изрази жалење поради оваа оставка: “Со големо жалење ја прифатив оставката”, рече Јункер.
За Јункер Хил е вистински Европјанин: “Ја разбирам неговата одлука и ја почитувам”, додаде првиот човек на Комисијата.
Тој побара од британскиот премиер да предложи ново лице кое би можело да биде британски комесар. Јункер и Камерон треба да се договорат кој ресор ќе му биде даден на новиот комесар Британец. Ресорот за финансиски услуги му беше даден на Валдис Домбровскис, потпретседател на Комисијата задолжен за евро-зоната.




