Британскиот туроператор Томас Кук банкротира откако пропаднаа преговорите да се обезбедат 200 милиони фунти за спас на компанијата стара 178 години, со што на стотици илјади клиенти им се откажани аранжманите.
Претходно беше соопштено дека над 600 илјади туристи, клиенти на туристичката компанија се погодени од банкротот.
Компанијата во соопштение нагласува дека одборот „донел одлука дека нема друг избор освен да преземе чекори за задолжителна ликвидација“. Петер Франкхаузер директор на Томас Кук им се извини на клиентите, вработените и партнерите на компанијата.
Британското министерството за транспорт соопшти дека сите клиенти кои во моментов се во странство преку „Томас Кук“, кои имаат резервација да се вратат во Велика Британија во текот на следните две недели, ќе бидат вратени најблиску со нивниот резервиран датум за враќање.
За нив ќе бидат обезбедени специјални бесплатни летови или ќе им бидат резервирани билети за друга авиокомпанија без дополнителни трошоци.
Владата овласти 45 авиони за да ги пренесе клиентите дома. Само за денеска се закажани 64 летови. Меѓу операторите се и EasyJet и Вирџин кои ќе летаат и на подалечни дестинации.
Германската компaнија Кондор соопшти дека продолжува со летови и покрај тоа што Томас Кук групацијата, каде и тие се дел, потврди дека банкротирала.
Од Кондор соопштија дека побарале денеска заем од Владата за да надминат тешкотии во работењето.
– Летовите на Кондор продолжуваат според редовниот распоред, наведоа во соопштение од компанијата.
Засега е нејасно како германската филијала на Томас Кук ќе продолжи со работењето. Од Кондор побарале денеска заем од Владата за да продолжат со работата и да имаат доволно средства во транзицискиот период.
Кондор е формиран во 1955 година и базиран во Франкфурт. Бил во сопственост на Луфтханза, но од 2003 година е дел од Групацијата Томас Кук. Вршат летови со 50 авиони и превезуваат повеќе од седум милиони патници годишно.




