Долниот дом на британскиот Парламент вечерва ја одби агендата за дебата за договорот за Брегзит, која премиерот Борис Џонсон предвиде да трае три дена за земјата на 31 октомври да излезе од ЕУ.
По гласањето, Џонсон изјави дека законот за Брегзит ќе го остави на стенд бај и ќе се консултира со лидерите од Европската Унија.
Претходно со 329 гласа „за“ и 299 „против“, пратениците во Долниот дом одобрија договорот за Брегзит да помине во следната фаза.
Пред денешното гласање, Џонсон се закани дека ќе го повлече законот за Брегзит и ќе свика парламентарни избори, доколку пратениците во Парламентот не го прифатат планираниот распоред за расправа, во рамки на која законот треба да биде изгласан.
Лидерот на британските лабуристи Џереми Корбин најави дека неговата опозициска партија нема да го поддржи договорот, ниту неговиот временски распоред за усвојување на законот за Брегзит во Парламентот.
– Мое мислење е дека треба да гласаме против овој предлог вечерва, рече Корбин на почетокот на парламентарната расправа за одобрување на закон што ќе и овозможи на Велика Британија да ја напушти Европската унија со постигнат договор на 31 октомври.
Тој исто така додаде дека неговата партија ќе се спротивстави на таканаречениот програмски предлог, со кој се утврдува краен рок парламентот да усвои закон за Брегзит.





