Тереза Меј денес можеби си вели дека не и требаше луксузот на предвремени избори. Наместо да ја води државата уште три години, таа одлучи да распише избори, најверојатно охрабрена од одличниот рејтинг на нејзината конзервативна партија.

Во сенка на двата терористички напади, во Манчестер и во Лондон, под силни мерки на обезбедување, денеска во Велика Британија се одржуваат вонредни парламентарни избори.

Меј сака да ја зајакне својата позиција на чело на државата за да може да ја зајакне и својата позиција во преговорите за излегување на земјата од ЕУ.

Тереза Меј

Но, овие избори се чини ќе бидат најтешкиот тест за конзервативните Ториевци. Нивните опоненти, левите лабуристи можеби нема да им дозволат да освојат доволно гласови за парламентарно мнозинство. Според анкетите, двете партии се речиси изедначени. Ако Меј го загуби мнозинството тоа практично ќе значи крај за нејзината политичка кариера.

Овој пад на рејтингот се должи пред се на непопуларните мерки на Меј за оданочување. На рејтингот влијаеа и трите терористички напади во Лондон и Манчестер. Меј беше 7 години министер за внатрешни работи па многу избирачи мислат дека таа не ја вршела добро својата функција и би можеле да ја казнат поради тоа.

Ториевците во моментов имаат 330 од 650 седишта во Парламентот, долниот дом на Велика Британија, односно слабо апосолутно мнозинство.

Од другата страна, Џереми Корбин се чини успева да ги мобилизиза гласачите со своите ветувања дека нема да дозволи земјата да продолжи да биде жртва на мерките за штедење.

Џереми Корбин

Последните анкети велат дека лабуристите би можеле од своите сегашни 229 седишта да се искачат на 268 со што Меј ќе го загуби апсолутното мнозинство.

Сепак Корбин има нејасна позиција околу Брегзитот и тоа може да биде сопка за освојување гласови. Во кампањата тој малку зборуваше на оваа тема за да не ги одбие неговите гласачи кои се поделени околу Брегзитот. Тој зборуваше за “излегување од ЕУ што ќе ја подобри економијата” но ниту еднаш не потврди дека Велика Британија навистина ќе излезе од ЕУ дколку тој стане премиер.

Третата партија е СНП, партијата на Шкотланѓаните кои бараат независност. Тие имаат 54 пратеници од вкупно 59 резервирани за Шкотска. СНП се надева дека ќе го повтори успехот од 2015 година кој ги донесе овие 54 пратеници. Нивната премиерка Никола Стурџон е против излегувањето од ЕУ но во кампањата таа најмногу ги напаѓаше мерките за штедење на Меј и Ториевците. Но нема сомнение дека таа ќе продолжи да инсистира на одржување на втор референдум за шкотска независност.

Конечно најмалата Либ-дем партија се надева ќе се освои гласови пред се кај младите Британци со нивната анти-Брегзит заложба. Тие засега имаат 9 седишта а се надеваат на повеќе. Тие има се обраќаат на оние 16 милиони Британци кои пред една година гласаа за останување на земјата во ЕУ. Либ-дем партијата ветува нов референдум откако процесот за излез од ЕУ ќе биде завршен по две години.

Според анкетите, нивната кампања не ветува успех на изборите а тие би освоиле одвај 11 отсто гласови. Британците како да се помирени со излезот од ЕУ и сега најголема грижа им е здравството, безбедноста и борбата против тероризмот и економијата.

Но доколку Меј не успее да освои апсолутно мнозинство, можно е Либ-дем да бидат клучот за формирање влада. Засега тие исклучија каква и да е коалиција било со Меј било со Корбин.

Гласачките места се отворени до 22 часот. Има 3.303 кандидати во 650 региони во земјата, колку што има места во Долниот дом на парламентот. За апсолутно мнозинство се потребни 326 пратеници.

Изборните резултати ќе бидат соопштени до 9 јуни, во утринските часови, кога ќе се знае кој е победник на изборите.

Парламентот ќе се состане на 13 јуни за да избере претседател и тогаш пратениците ќе положат заклетва. Кралицата на 19 јуни официјално ќе го прогласи почетокот на работата на новиот парламент, кога и ќе биде прочитана програмата на владата за претстојаната парламентарна година.