Бројот на загинати во пожарот достигна 76 лица, а бројот на луѓе кои исчезнаа во пожарот во Калифорнија се искачи на 1.276.
Властите утврдија каде се наоѓаат стотина лица кои ги напуштиле нивните домови кога огнената стихија го зафати северниот град Парадајс.
– Форензичките тимови кои ги пребаруваат изгорените рушевини ги пронашле смртните останки на уште пет лица, со што бројот на загинати лица се зголеми на 76, соопштија локалните власти.
Пожарникарите се обидуваат да ја совладаат смртоносната огнена стихија, но силниот ветар им ја отежнува работата.
За големиот број настрадани првенствено е одговорна високата брзина со која се ширеше огнената стихија. Огнот постојано беше поттикнуван од силните ветрови, наоѓајќи погодни услови за проширување во исушената растителна вегетација, ниските жбунови и полуисушените дрвја.
Претседателот Доналд Трамп го посети Парадајс и вети целосна поддршка од страна на федералната Влада. Сепак неговото задоцнето доаѓање во настраданите подрачја е цел на остри критики во јавноста. На почетокот на пожарите Трамп ги критикуваше локалните власти кои, според него, лошо ги менаџираат шумите.
Локалната власт во Калифорнија им припаѓа на демократите. Калифорниските власти често, и кога тоа е можно, не ги применуваат политиките на централната власт, особено во областа на екологијата.




