Претседателот на Бугарија, Румен Радев на поранешниот премиер Бојко Борисов му даде мандат за формирање влада, во која за прв пат ќе влезе и националистичката партија на Обединетите патриоти, кои на изборите во март го освоија третото место.
Според Радев, новата влада ќе „одговори на основните очекувања на Бугарите – безбедност, раст на приходите, правда и почитување на законот“.
ГЕРБ и идните партнери денес постигнаа договор за коалиција, во која се наведува дека „членството на Бугарија во ЕУ и НАТО ја гарантира безбедноста на земјата“, и дека бугарското претседавање со Европскиот совет во првата половина на 2018 година, е „единствена прилика да се зајакне позицијата на Бугарија во европското семејство“.
Владата на Борисов очекува поддршка и од популистичкото движење Волја и барем повремено од турската партија на малцинствата, иако ниедна од нив нема да биде дел од новата власт.




