Бугарија е победникот на Евровизија 2026, кое вечерва спектакуларно се одржа во Виена.
По драматично гласање и неизвесен финиш, бугарскиот претставник успеа да ја освои европската публика и да стигне до триумф на јубилејното издание на најголемото музичко шоу во Европа.
Финалната вечер започна со импресивно отворање во придружба на Виенскиот симфониски оркестар, а домаќини на шоуто беа Викторија Сваровски и Михаел Островски.
Во финалето настапија 25 земји, а годинава на сцената се пееја песни на дури 13 различни јазици, при што многу држави комбинираа мајчин јазик со англиски.
Вечерта ја отвори минатогодишниот победник Џеј-Џеј со песната „Кралицата на ноќта“, по што започна натпреварувачкиот дел.
Настапите ги отвори Данска, а потоа следуваа Германија, Израел, Белгија, Албанија, Грција, Украина, Австралија, Србија, Малта, Чешка, Бугарија, Хрватска, Обединетото Кралство, Франција, Молдавија, Финска, Полска, Латвија, Шведска, Кипар, Италија, Норвешка, Романија, додека финалето го затвори домаќинот Австрија.
Победникот беше избран преку комбинација од гласовите на националните жири-комисии и телефонското гласање на публиката. Годинава беше дозволено од еден телефонски број да се гласа најмногу десет пати.




