Бугарскиот премиер Кирил Петков го поздрави изборот на новата македонска Влада и на премиерот Димитар Ковачевски му посака успех во работата, јави бугарската новинска агенција БГНЕС.
-Очекувам заедно да работиме за нов конструктивен дијалог и разбирање во интерес на меѓусебните односи чиј развој е од голема корист за граѓаните на Бугарија и на Република Северна Македонија, истакна премиерот Петков.
Премиерот нагласи дека позицијата на Бугарија во врска со европската перспектива на нашиот близок сосед е последователна и јасна.
Според премиерот Петков добрососедството може да донесе сериозни позитивности не само за двете држави туку и за целиот регион.
Како што е веќе познато, бугарскиот премиер Кирил Петков, утре доаѓа во Скопје и ова е негова прва посета на земјава и прва средба со македонскиот премиер Димитар Ковачевски што несомнено би требало да даде нов импулс во меѓусебниот дијалог за надминување на пречките на нашиот евроинтегративен процес.