Лидерите на балканската „четворка“ – Бугарија, Грција, Романија и Србија на синоќешната средба во Солун договорија создавање на заеднички транспортен прстен со кој би се овозможило олеснување на транспортот низ четирите земји.
На заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Бугарија и Романија, Бојко Борисов и Виорика Данчила, домаќинот на средбата, шефот на грчката Влада, Алексис Ципрас оцени дека Балканот има динамична иднина, за што е доволно да постои визија, верба, но и храброст.
„Треба да бидеме храбри да направиме чекори напред, дури и ако треба многу пати овие чекори да бидат спротивни на нормалниот тек. Но, со овие чекори само можеме да ги поставиме основите на европскиот Балкан, на демократски Балкан што нема да биде измачуван од секаков вид на национализми, фобии, интроверзија или инерција, туку ќе биде цврсто ориентиран кон заеднички развој и соработка“, рече Ципрас.
Бугарскиот премиер Борисов се согласи со оценката на Ципрас дека бугарското претседавање со ЕУ било „балканско“, додавајќи дека Бугарија им овозможила на сите земји од регионот да се претстават пред членките на Унијата.
„Со Романија и Грција можеме да направиме многу за да и помогнеме на Србија да стане членка на ЕУ, но за тоа постојат критериуми што мора да бидат исполнети. Тоа подразбира и зголемување на бруто домашниот производ на платите и да станеме побогати како нации“, рече Борисов.
Тој се заложи за единствен царински систем при увозот на стоки во регионот и царинењето да се врши на едно место.
Како клучни инфраструктурни проекти тој ги посочи реализацијата на гасоводот Бургас – Александруполис, изградбата на интерконекторни врски меѓу Бугарија, Грција и Србија и создавање на терминал за дистрибуција на гас од Русија.
Српскиот претседател Вучиќ изрази благодарност до Грција, Бугарија и Романија што биле подготвени да го чујат и да го сослушаат ставот на Србија за односите со Приштина.
Вучиќ додаде дека со Ципрас разговарал за железничката пруга Белград-Скопје-Солун, нагласувајќи дека Србија ќе ја заврши изградбата на автопатот до македонската граница, како и до границата со Бугарија, што, како што рече, не било сторено со децении.
Романската премиерка Данчила го поздраби Борисов за успешното претседавање со ЕУ, нагласувајќи дека следната година кога Романија ќе го преземе пресадавањето со Унијата Балканот одново ќе биде во фокусот на вниманието.
Следниот состанок на балканската четворка ќе се одржи во Варна.




