Бугарското Обвинителство сè уште нема добиено информација за „итни“ истраги против политичари, соопшти БЈО по синоќешното приведување на лидерот на партијата ГЕРБ и поранешен премиер, Бојко Борисов.
Министерството за внатрешни работи на Бугарија синоќа лиферува соопштение до медиумите дека „во тек е голема операција поврзана со 120 случаи на Европското обвинителство во Бугарија“, согласно Регулативата (ЕУ) 2017/1939 на Советот на ЕУ од 12 октомври во 2017 година, и нагласи оти надлежно за истрагите треба да биде Европското јавно обвинителство.
„Доколку информациите што ги пласира Министерството за внатрешни работи се вистинити, тогаш вашите прашања треба да ги упатите до претставници на Европското јавно обвинителство. Според бугарските закони, при спроведување на „итни“ истражни дејствија, протоколите треба да се доставуваат до обвинител за одобрување. Доколку тоа се направи, јавноста ќе биде информирана“, информираат од Јавното Обвинителство на Бугарија.
ГЕРБ-УДФ ја обвини владејачката партија за политичка репресија, а владејачката партија ги повтори зборовите на премиерот Кирил Петков дека „никој не е над законот“.
Претседателот на Народното собрание, Никола Минчев изјави дека со постапките против поранешниот премиер, власта не се обидува ништо да сокрие. Случувањата во домот на Борисов, доцна синоќа, тој ги опиша како нормални.
Според Атанас Атанасов од Демократска Бугарија, Обвинителството, најверојатно, нема долго да го задржи Бојко Борисов, бидејќи, како што нагласи, „блиски се и си го чуваат грбот“.




