Денешната редовна седница на бугарското Народно собрание ќе почне со процедура за избор на нов претседател, јави дописникот на МИА од Софија.

По разрешувањето на Никола Минчев, неговата функција ја презеде Мирослав Иванов. Можно е најголемата партија во Народното собрание „Промените продолжуваат“ повторно да го предложи Минчев за шеф на парламентот.

Ива Митева од партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ е второто име што се споменува за оваа функција, иако таа изјави дека одбила да биде номинирана во оваа сложена политичка ситуација во Бугарија.

На вонредна седница вечерва (19:10 часот), пратениците треба да гласаат за барањето недоверба на владата на Кирил Петков.

И денеска (15 часот) во парламентарната комисија за надворешна политика на бугарскиот парламент треба да се одржи состанок на кој ќе се разгледа предлогот на француското претседателство со ЕУ за одобрување на преговарачката рамка за Северна Македонија и одржување на првата меѓувладина конференција.