Србија го забрани влезот на нејзина територија на тешки товарни возила со хрватска регистрација и кои превезуваат хрватски производи, а истото го направи и Хрватска.
Хрватска бара од Србија пренасочувањето на бегалскиот бран да не оди само преку Бајаково туку Србија да ги упатува бегалците и на други места.
Околу 44 000 мигранти, кои избегаа од војната и сиромаштијата во своите земји во Блискиот Исток и Африка, влегле во Хрватска и во Србија за една недела.
„Од полноќ ниедно тешко товарно возило со хрватска регистрација и ниту едно превозно средство со хрватски производи нема да може да влезе на територијата на Србија“, изјавил српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ од граничниот премин Батровци-Бајаково.
Тој прецизирал дека забраната важи за сите гранични премини на Србија, бидејќи земјата е изложена на „економска агресија“ и треба да ги брани своите интереси.
Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ пак, потенцираше дека Хрватска нема да ја укине блокадата на граничниот премин Бајаково, откако Србија ги воведе противмерките.
„Не, нема да ја отвориме границата. Јас планирав тоа за утре, по завршувањето на самитот на ЕУ за бегалската криза. Но, што се однесува до Србија и српската влада навистина ми е жал. Јас само барав српските власти да ги праќаат бегалците и на Хоргош, а не само кај нас. Српските мерки се смешни“, рекол Милановиќ.
Минатата недела Хрватска затвори седум од своите осум гранични премини, во обид да го намали протокот на мигранти. Тешките камиони требаше да заобиколуваат преку Босна, за да влезат или излезат од Хрватска.




