Центарот Симон Визентал е “шокиран” поради потезите и коментарите на новиот хрватски министер за култура Златко Хасанбеговиќ и ја повикува хрватската влада да го смени поради неговите ставови кон хрватското движење на отпор против фашизмот во текот на Втората светска војна, јавуваат хрватските медиуми.
“Ја повикуваме хрватската влада да го смени министерот Хасанбеговиќ со лице кое ќе му одговара на местото министер за култура и лице кое на тоа место ќе му донесе престиж а не лице кое ја срамоти својата земја во целиот свет”, вели во изјавата др Ефраим Зуроф од Центарот Симон Визентал.
Изјавата е објавена на сајтот на Центарот Симон Визентал.
Во неа се вели дека многу загрижени хрватски граѓани се обратиле во Центарот Симон Визентал да се жалат на ова именување поради тоа што Хасанбеговиќ има погрешни и неаргументирани коментари за историјата на Хрватска во Втората светска војна.
Тој одбива да ја признае геноцидната природа на усташкиот режим и покажува презир кон хрватските анти-фашисти кои се бореле против усташите.
Министерот ги отфрли овие обвинувања како неосновани.
Центарот Симон Визентал е најголемата меѓународна еврејска организација за заштита на човековите права со седиште во САД.




