Министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу денеска на Твитер објави дека вкупно 12.000 цивили досега се евакуирани од источниот дел на сирискиот град Алепо, вклучувајќи и 4.500 луѓе кои се евакуирани од полноќ.
Конвој составен од 10 автобуси со жители на две шиитски села Ал Фуе и Кефрај во близина на Идлиба, кои 4 години живееле под опсада на сириските бунтовници, утрово пристигнал во Алепо кој е под контрола на владините сили, јави сириската државна телевизија.
Евакуацијата на ранетите и другите цивили од овие села е услов за евакуација на бунтовниците и нивните семејства кои се опколени во Алепо, пренесува Ројтерс.
АФП јави дека рано утрово над 1.000 луѓе се евакуирани од последниот бунтовнички „џеб“ во источниот дел на градот, по повеќечасовно одложување. Претставници на ОН за Ројтерс изјавиле дека евакуацијата од источниот дел на Алепо се спроведувала и во текот на ноќта.
Членките на Советот за безбедност на ОН денеска изгласаа резолуција за испраќање посматрачи во Алепо откако Франција ги зеде предвид забелешките на Русија.




