Чешка денеска го презема претседателство со Советот на Европската Унија (ЕУ) од Франција. Ротацијата доаѓа во време на големи предизвици со кои се соочува Унијата во однос руско-украинската војна и последиците што произлегуваат од неа на пазарот со храна и енергенси, стагнацијата на економиите и вирусот ковид-19 кој, се чини, како полека да зема нов замав.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во текот на денот ќе се сретне со чешкиот премиер Петр Фиала во Прага за официјално предавање на претседателството.

Приоритети на Чешка за време на шестмесечното претседателство ќе бидат војната во Украина и последиците од неа, вклучително и масовниот прилив на бегалци, како и на енергетската безбедност, бидејќи Европа се обидува да се оттргне од зависноста од руски гас и нафта.