Претседателот на Чешка Милош Земан во националното радио употребил неколку вулгаризми, пишуваат локалните медиуми. Обидувајќи се да го преведе името на рускиот бенд „Пуси Рајот“ тој рече дека е порнографска група.
– Во текстовите им се пее само п .чка тука, п …чка таму, навистина совршен случај на политички затвореници, рече Земан. Тој се осврнува и на Михаил Ходорковски, поранешниот нафтен магнат, кој беше осуден, а години подоцна помилуван од Путин.
Според Земан тој бил корумпиран и не заслужува да се смета за политички затвореник. Вели Путин згрешил само во тоа дека не спакувал повеќе такви како него зад решетки.
Земан го нарекол враќањето на законот за државните службеници „курвинска постапка“. Тогаш веќе водителот го замоли да престане да употребува вулгаризми.
– Да, господине, јас се инспирирав од Карел Шварценберг (кој беше против него на претседателските избори), кој на секој свој збор употребуваше „говно“, одговори Земан.
Опозицијата веднаш реагираше дека таков речник не доликува на највисокиот претставник на земјата. Упатени беа критики и кон Чешкото радио, но водителот се оправда дека не можел да направи ништо, заради тоа што интервјуто било во живо.
Осуда на изјавите на Земан изрази и поголем дел од чешката јавност, а на Интернет и социјалните мрежи се појавија повици на демонстрации и симнување на портретите на претседателот во јавните институции.
Најавени се собири на неколку места на 17 Ноември, ден кога се одбележува 25-годишнината од „Кадифената револуција“, кога почна падот на некогашниот чехословачки комунистички режим.




