Бројот на жртви од коронавирусот во Италија се искачи на четири, а бројот на заразени надмина 150. Според статистиката, во Италија има најголем број заболени и жртви на ниво на цела Европа. Починатите се повозрасни луѓе кои имале други болести и се наоѓале во тешка здравствена состојба.
Загрижувачки е тоа што бројот на заболени во Италија двојно се зголеми за само 24 часа, а Министерството за здравство е загрижено затоа што сè уште не е откриен нулти пациентот, односно првиот пациент. Италијанец кој неодамна дошол од Кина и за кого постоеше сомнеж дека го пренел вирусот неколку пати бил тестиран и тестот секогаш бил негативен. Останува мистерија како заболел 38-годишниот менаџер од Кодоња, епицентар на заразата во Италија, а кој бил во контакт со неговиот сограѓанин кој неодамна се вратил од Кина.
Владата на Италија воведе вонредни заштитни мерки и 11 општини се ставени во карантин, во регионите Ломбардија и Венето. Од црвената зона никој не смее да излезе ниту да влезе. Јавните установи во Венето, Ломбардија, Емилија Ромања и Пјемонте се затворени. Откажани се сите настани, меѓу кои и карневалот во Венеција, кој требаше да трае уште два дена. Телевизиските емисии се без публика во студијата.
Во овие региони владее паникa, улиците се пусти, само супермаркетите работат со полна пареа каде граѓаните купуваат резерви на храна.
Европската комисија бара ситуацијата да не се политизира
Драстичните мерки на италијанските власти за коронавирусот предизвикаа паника кај голем дел од европското население, Европската Комисија бара секоја одлука да се заснова на научни докази.
„Од блиску ја следиме ситуацијата во Италија, овој брз развој на настаните покажува колку бргу се менуваат работите, ситуацијата во Италија предизвикува загриженост и покажува колку е важно земјите членки на ЕУ да бидат подготвени доколку се појави слична ситуација“, изјави утрово европската комесарка за здравство, Стела Кириакидис.
Во Италија, меѓутоа, последните случувања послужија и како политичка платформа за популисти како поранешниот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, да повикаат за спречување на миграцијата, патувањата и воведување гранични контроли во Шенген зоната.
Ако ваквите одлуки се исклучиво прерогатив на земјите членки, а не на Европската Комисија, таа сепак бара секое решение да биде втемелено врз сериозни научни докази и евалуации на релевантните власти како Светската здравствена организација (СЗО).
„Би било многу жално оваа ситуација да се политизира, она што е сега потребно е, кога се дискутира за мерките, вклучително и граничните контроли, тие да се засноваат на кредибилни процени на ризикот и на научни докази, мерките треба да бидат пропорционални и да се носат во координација со другите земји, треба да настапиме како заедница“, изјави на прес конференција еврокомесарот за хуманитарна помош, Јанез Ленарчич.






