Енергетиката и туризмот претставуваат голем потенцијал во односите меѓу Русија и Грција, оценува грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервју за „ТАСС“, во однос на претстојната посета во Москва на 8.април.
– Мислам дека можноста да се зајакне нашата врска е поврзана со туризмот, како и со разни културни манифестации, изјавил Ципрас.
Во Русија грчкиот премиер ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, премиерот Дмитриј Медведев и патријархот.
Тој исто така изјавил дека Грција и Русија имаат заеднички корени, заедничка борба, заедничка религија и култура.
Вашата земја има богата култура, а Грција е лулката на светската цивилизација. Мислам дека во овие области можеме да имаме многу специфична комуникација и зајакнување на врските меѓу двете земји, изјавил Ципрас.
Според него 2016 година ќе биде добра за Грција и Русија.
А „Руска реч“ пишува дека Грција не се согласува со санкциите врз Русија кои ги практикува Европската унија.
– Ние можеме да имаме суштествена соработка која ќе ѝ даде на Грција можност да извезува земјоделски производи во Руската Федерација. Вие знаете дека последниве години на овие односи им беше нанесен удар во врска со тоа што претходните влади во мојата земја не го правеа она што можеа да го прават за да ја избегнат оваа бесмислена, на мој поглед, политика на санкции поради тензиите во Украина, пренесува медиумот изјава на Ципрас.
Тој потенцирал дека неговата влада не се согласува со санкциите.
– Сметам дека тоа е пат кој не води никаде. Јас сум приврзаник на гледиштето дека е неопходен дијалог, дипломатија, треба да се седне на преговарачка маса и да се најдат решенија за крупните проблеми.




