Пред учеството на вонредниот Европски совет посветен на кризата со бегалците денеска во Брисел, премиерот на Грција Алексис Ципрас ја претстави новата владад по предвремените парламентарни избори кои се одвиваа за време на викендот.
Како што пишуваат грчките медиуми, најголемото прашање било поврзано со досегашниот министер за финансии Евклидис Цакалотос, односно дали ќе сака повторно да го води тој ресор. Цакалотос се согласил.
Негов заменик кој ќе одговара за Трезорот, ќе биде шефот на преговарачкиот тим и министер за финансии во службената влада, Јоргос Хулиаракис. Тој ќе го заменува Димитрис Мардас, кој пак ќе биде заменик-министер во Министерството за надворешни работи.
Министерски места ги задржуваат уште министерот за економија, Јоргос Статакис, а во тоа министерство ќе има двајца нови заменик-министри, Алексис Харстис ќе одговара за управувањето на субвенциите од ЕУ, а Теодора Цакри, за индустријата.
Во новиот кабинет на Ципрас ќе има и уште еден министер од службениот кабинет, Јанис Музалас кој ќе ја добие улогата на министер за миграциска политика.
.
Министер за надворешни работи останува Никос Коциас, а лидерот на коалицискиот партнер „ANEL“, Панос Каменос, ќе ја задржи функцијата на министер за одбрана.
„Независните Грци“ ќе имаат уште двајца претставници во владата, Теренс Куик ќе биде заменик- министер за државната администрација, а Елена Кунтура ќе биде одговорна за туризмот.
Министер за државната администрација останува најблискиот соработник на Алексис Ципрас, Никос Папас.




