“Разочаран сум од Европа. Таа не ни дава доволно време да ги реализираме нашите реформи”, изјави денес грчкиот премиер Алексис Ципрас во своето телевизиско обраќање до нацијата.

Ципрас одлучи на Грците да им се обрати откако беа објавени предлозите на Грција до ЕУ, Централната европска банка и Меѓународниот монетарен фонд.

“Разочаран сум од Европа. Таа не ни дава доволно време да ги реализираме нашите реформи. Ние сега сме соочени со катастрофа. Оттука решивме референдумот да се одржи и ќе видиме по резултатите во недела”, рече Ципрас.

Неговите предлози очигледно не беа прифатени во ЕУ. Ципрас ги повика Грците да гласаат “не” во недела за да може да има подобар предлог.
Премиерот додаде дека сака преговорите да продолжат и не предвидува излегување на Грција од еврото.

“Мораме да донесеме цврсти одлуки за да дојдеме до договор. Жал ми е поради сите овие проблеми но сакам да направам се овие проблеми да не траат долго”, додаде тој.

Во текот на својот говор Ципрас правеше напори да им даде сигурност на Грците повторувајќи дека ни платите ни пензиите нема да бидат загубени.

Еврогрупата одржа попладнево состанок на телеконференција. Министрите за финансии одбија секаква дебата за нов план за помош и рекоа дека ќе ги чекаат резултатите од референдумот пред да направат нов чекор.

“Еврогрупата се состана и одлучи да го чека резултатот од референдумот пред да продолжиме со дискусија”, рече на Твитер Питер Казимир, словачкиот претставник во групата. Според него не треба да се става колата пред коњот, рече тој исто така на Твитер.

Синоќа истече рокот за плаќање на долгот од 1,5 милијарда евра за ММФ и планот за помош не беше обновен. На Атина и треба финансирање и таа побара нов план за период од две години за да ги покрие потребите или сума од 30 милијарди евра и реструктурирање на долгот.

Сето тоа ќе биде ставено на маса другата недела по референдумот. Еврогрупата застана зад Германија која одби секаква дискусија за нов план пред референдумот.