Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, од Њујорк побара реконструкција и намалување на грчкиот долг. Говорејќи на состанокот за Развојната агенда 2015, од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации, Ципрас посочи дека постои потреба ова прашање да биде третирано како меѓународен предизвик, неопходен да се реши за Грција да може да се врати на патот на економскиот напредок.
Ципрас ја посочи Грција како лекција за историјата, истакнувајќи дека не може да се зборува за справување и за решавање на проблемот со сиромаштијата и со невработеноста, ако не се почне дискусија како да се подобрат социјалните држави наместо да се уништуваат со спроведување екстремни неолиберални политики.
Грчкиот премиер ќе ја искористи посетата на Њујорк за добивање поголема меѓународна поддршка за реконструкција и за намалување на грчкиот долг. Покрај тоа што ова прашање е клучен приоритет за грчката влада, тоа ќе биде и главна тема и цел на средбите на Ципрас за време на Генералното собрание.
Ципрас вчера учествуваше и на форумот организиран од фондацијата на поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон. За време на дискусијата, грчкиот премиер се обиде да привлече нови инвеститори, коментирајќи дека финансиската, политичката и економската ситуација во државата се постабилни и новата влада ќе работи во насока на нови реформи и промени како подобар даночен систем, правен и бирократски, за да бидат попривлечни за странските инвеститори.
По финансиската и референдумската драма и новата изборна победа, Ципрас оваа недела во Њујорк ќе се обиде да ги развие и да ги подобри меѓународните врски со клучни светски лидери. Во Атина, неофицијално, се најавува средба со американскиот претседател Барак Обама, кој директно контактираше со Ципрас за време на преговорите за новата финансиска помош за Грција летово, меѓутоа нема официјална потврда. Според извори од владиниот кабинет, Ципрас во Њујорк ќе има средби со претседателите на Кипар, Египет, Бразил, Палестина, а ќе се сретне и со турскиот премиер. Предвидени се средби со американскиот државен секретар Џон Кери и со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.
Ципрас ќе се обрати со официјален говор пред Генералното собрание на 1 октомври. Со него во Њујорк е и грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас, кој, исто така, има договорено бројни билатерлани и мултилатерални средби.
Грчкиот весник „Катимерини“ излезе со доверлив документ од амбасадата на Грција во САД, во кој грчкиот амбасадор во Вашингтон во доверлива комуникација посочува дека меѓу Атина и Вашингтон имало постојана комуникација и советувања за справување со грчката криза и за преговорите со европските кредитори.
Според записите на амбасадорот, меѓу владите на Обама и на Ципрас имало многу посилна врска од само обична соработка, бидејќи во соработката и во советувањето биле вклучени Белата куќа, високи функционери на Советот за национална безбедност на САД, министерството за финансии и Стејт Департментот, кои постојано комуницирале со Атина и со Брисел за да се избегне грчки излез од еврозоната.
„Катимерини“, повикувајќи се на документот и на доверливи извори од грчката влада, тврди дека освен во Брисел, САД застанале во одбрана на Грција и во НАТО за да ја покажат и да ја засилат геополитичката важност на Грција.




