Доктор Патрик Матх, сериозно и во вистинска смисла на зборот ја разбрал и ја применува Хипократовата заклетва кога е во прашање медицината и односот кон пациентите. Се обврзал од почетокот, и од тоа не отстапува сеуште, дека својот живот го става во служба на хуманоста и својата професија ја извршува совесно и достоинствено

Најголема грижа му е здравјето на неговиот пациент, и апсолутно ги почитува пациентите и своите колеги. Во еден момент од разговорот за ТВ Нова, сосема искрено ќе рече дека медицината бара големи одрекнувања од многу животни задоволства, па дури понекогаш треба и фамилијата да ја ставите во втор план, доколку сакате да бидете успешен и посветен лекар. Само, вели, господ да ми даде здравје, да го издржам ова темпо на работа.

Доволно е само да фрлите еден поглед кога ќе поминувате покрај чекалната на амбулантата за интерни болести во Општата болница во Гевгелија, кога тој ден ординира доктор Матх, и кога ќе го видите големиот број на пациенти кои чекаат, ќе разберете дека сите пофални зборови што сте ги чуле за овој доктор биле чиста вистина.

Доктор Патрик Матх, како што самиот вели потекнува од фамилија во која уште од малечок бил опкружен од медицината, и не е чудно што ја избрал оваа професија. Но, и да не било така, љубовта кон биологијата сигурно ќе го поттикнела да се запише на Медицинскиот факултет во Скопје, кој го завршува во 1995 година. Една година работи во одделението за хемодијализа во Општата болница во Гевгелија, каде неговиот татко, Ромео Матх е раководител, потоа една година во диабет центарот, па во Итната медицинска помош, две години е матичен лекар во Богданци.

За да си успешен и добар лекар, вели докторот, треба да ги сакаш и почитуваш луѓето, постојано да учиш и да се надградуваш, и најважно, да бидеш секогаш на располагање на своите пациенти, и да не мислиш на заморот.

– Ми се случувало, во еден ден да одговорам на над 300 повици преку мобилниот телефон. Односот со пациентите мора да е двонасочен, докторот мора да воспостави правилен контакт со својот пациент, да му предочи дека пред него стои човек кој ќе се грижи за неговото здравје, а, од друга страна, колку повеќе пациентот ќе даде информации за својата болест, толку повеќе шансите за успех во поставувањето на вистинска дијагноза и во лечењето се поголеми, вели Матх.

Тие се , истакнува доктор Матх, на прво место како причина за смртта во светот, па и кај нас. А, според мене, вели докторот,најголемата причина за тоа е стресот, па доаѓаат пушењето, нездравата исхрана, лошиот начин на живеење и недоволната физичка активност. Дебелината, поради лошата исхрана, е причина за хипертензија, за болести на белите дробови и дископатијата, која е најчестиот проблем на нервниот систем а се однесува на деградација на интервертебралните дискови. Мислам, вели докторот, дека, се повеќе луѓе се хранат здраво, но поголемиот број на наши сограѓани поради финансиската ситуација, не може да си дозволи, здраво да се храни.

Кога започна корона епидемијата, вели Матх, бев повикан од директорот Крџев, кој ме запраша дали би се нафатиле, заедно со колегата епидемиолог Сашко Олумчев да ги лекуваме ковид пациентите тука во нашиот град. Затоа што за да имаш Ковид болница треба да имаш инфектолог, а ние го немаме.

– Во тој момент, во Македонија, интернистите сеуште не беа вклучени во процесот на лекување, пациентите ги лечеа само инфектолози. Ние, во гевгелиската Општа болница бевме првите во Македонија кои ги вклучивме интернистите во лечењето на ковид пациентите. Прво работев сам, во тоа ми помагаше доктор Олумчев, како епидемиолог, па потоа дојде колегата Чочков, кој тогаш ја завршуваше специјализацијата. Бројот на пациенти се зголемуваше од ден на ден, за прв пат се сретнавме со таква болест каква што е короната. Во од се запознававме со начинот на третирање на оваа болест, консултиравме колеги инфектолози, ги проучувавме странските примери на лекување, така да од денешна гледна точка, вели доктор Матх, сметам дека успешно одговоривме на предизвикот. Со доктор Олумчев работевме од март до октомври во просториите на ковид центарот кој го отворивме на влезот од Општата болница.Потоа јас, за жал, вели Матх се заразив од коронавирусот и поминав храбро еден тежок период на лечење. Сега сум добар, вели Матх.

Ние, јас и колегата Чочков , истакнува Матх, сме одговорни за Ковид болницата, имаме сега солиден тим на искусни лекари, четворица на број, со кои успешно, според мене ги лечиме пациентита фатени од короната, од оваа „чума“ на векот.
За тоа кога може да очекуваме стивнување на оваа пандемија.

Короната нема сосема да исчезне, но за едно 5-6 години, истакнува Матх таа ќе се претвори во една сезонска болест, слична на грипот или настинката. Само, не дај боже, да не се појави некој друг, полош и поопасен вирус, додава докторот.

– Што се однесува до тоа дали треба да се вакцинираме, како доктор велам да, а еве тоа да го поткрепам со конкретни факти. Најтешко болните кои сега се лечат во нашата Ковид болница се невакцинирани. Имаме еден број на вакцинирани, но нивната клиничка слика е полесна, а воопшто, до сега немаме пациенти кои ја прележале болеста и се вакцинирани, додава Матх.

Според него оние кои лесно ја поминале оваа болест, таа не остава никакви последици, кај умерено болните, скоро никакви, но кај оние кои ја прележале болеста со тешка клиничка слика, Ковид 19 остава трајни последици, не само на дишните патишта, туку и на нервниот систем.

– Се сретнуваме со пациенти кои со месеци по прележувањето имаат силни болки по телото. Прво мислевме дека се работи за некое ревматско заболување, но сега се покажува дека коронавирусот ги оштетил периферните нерви на нервниот систем. Некаде околу 20 пациенти во гевгелиско завршија на инхалаторна терапија. Еден добар дел од пациентити имаат и психијатриско секвели, кои се пократкотрајни, па со тоа се занимаваат психијатрите, смета Матх.