Откако српскиот амбасадор Владимир Чургус вчера во Софија беше повикан во бугарското Министерство за надворешни работи во врска со изјавата шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ за претседателот Бојко Борисов, синоќа во Белград беше повикана бугарската в.д амбасадорка Ива Крулева во врска со изјавата на Борисов за косовската независност.
Бугарското МНР „му соопштило на српскиот амбасадор дека изјавата на Дачиќ е неприфатлива и не е во рамки на добрососедските односи“, за потоа и српското МНР на бугарската в.д. амбасадорка и соопшти дека „изјавата на Борисов е неприфатлива и не е во рамките на добрососедските односи“.
И двете министерства изразиле истоветен став „дека се надеваат да таквите изјави нема да се повторат во иднина“.
Во соопштението на српското МНР во кое МИА имаше увид завршува со најавата дека „министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ ќе се сретне со министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ)“, кој во вторник го организира Словачка на Високи Татри.
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, во Познањ на самитот за Западен Балкан му порача на бугарскиот премиер Бојко Борисов да го почитува ставот на ЕУ за независноста на Косово и да не му „држи лекции” на новоизбраниот шеф на европската дипломатија, Жозеп Борел.
Дачиќ реагираше на изјавата на Борисов дека шпанскиот дипломат треба да ги застапува интересите на ЕУ за независноста на Косово, а не и на неговата земја, која не го признава Косово.
-Бојко, има да го почитуваш ставот на ЕУ, а не да му држиш лекции на Борел. На што тоа ти личи, тоа е безобразно. Најмногу ме нервира лицемерието, доста ми е повеќе од тоа. Да не кажувам дека тој доби наш орден, рече Дачиќ.
Борисов вчера изјави дека не и дозволил на шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева остро да реагира на изјавата на нејзиниот српски колега Ивица Дачиќ , бидејќи, како што истакна, „знае колку прашањето за Косово е болно за Србите“.




