Данската полиција затвори магистрални и железнички врски со Германија во обид да се запре протокот на бегалци на север кон Шведска.
Автопатот беше затворен во средата, кога околу 300 бегалци, вклучувајќи деца, се обиделе преку него да стигнат во Шведска.
Полицијата, исто така, побара од државната железничка компанија да се запрат сите возови меѓу Германија и Данска.
Полицијата рече дека во градот Родби околу 200 лица одбиле да слезат од два воза или да бидат однесени во приемни центри, наместо тоа побарале да продолжат кон Шведска, каде што имаат роднини или пријатели.
Германија и Шведска се меѓу најпознатите дестинации за кандидатите за азил, а Данска воведува построги ограничувања во последниве години.

Данскиот парламент ја одобри минатата недела одлуката за намалување на социјалната помош за новодојдените бегалци како дел од напорите на владата да ја направи Данска помалку привлечна за кандидатите за азил.
Данските власти велат дека мигрантите ќе бидат регистрирани или вратени во Германија.
Во четвртокот наутро данската полиција објави дека го отвора автопатот со Германија. Од полицијата ги повикаа патниците да приготват лични документи за проверка, но од пораката не станува јасно дали се воведува задолжителна проверка на документите




