Топлотниот бран што донесе рекордно високи температури во пет европски земји го зафати и Грендланд, го забрзува топењето на мразот на островот и на Арктикот.
Гренланд, најголемиот остров во светот, е полу-автономна данска територија помеѓу Атлантикот и Арктичкиот Океан и неговата површина е 82 отсто покриена со мраз.
Ледената плоча на Гренланд секојдневно покажува знаци на топење и достигна рекордни 56,5 проценти за оваа година, соопшти данскиот метеоролошки институт.
Топењето се должи на надоаѓање на истиот топол воздух од Северна Африка и од Шпанија што ги зафати европските градови во минатата недела, поставувајќи национални рекорди на температурите во Белгија, во Германија, во Луксембург, во Холандија и во Велика Британија.
Иако температурите на Гренланд ќе се спуштат до крајот на оваа недела, топењето веројатно нема да престане во скоро време.