Демократскиот сојуз поднесе предлог на измени на Законот за јавен долг, со кои се предлага, Владата на Република Македонија, преку издавање хартии од вредност (обврзни и сл.), најмногу да може да ја задолжи државата 100 милиони евра за една година, со што, како што тврдат ќе се спречи неосновано зголемување на надворешниот долг, кој треба граѓаните да го враќаат.
-За долг над 100 милиони евра ќе одлучува Собранието на Република Македонија, со што ќе се обезбеди поголема одговорност но и транспарентност при носењето одлука за задолжувањето на Република Македонија.
Последното задолжување од 450 милиони евра и каматна стапка од 5,6%, без претходни анализи и консултации, како и без образложение за тоа каде ќе се трошат средствата, потенцијалот и начинот на кој ќе се враќаат и без информирање на Парламентот и јавноста, остави сомнеж дека овие средства власта ќе ги користи за клиентелизам во врска со претстојните парламентарни избори, се вели во партиското соопштение.
Според Демократскиот Сојуз, со неконтролираното зголемување на јавниот долг се поткопува економската основа на државата и може да има огромни негативни последици по стабилноста и економскиот развој.
-Вкупниот надворешен долг изнесува над 50% од БДП, при што е доведено во прашање навремено сервисирање на обврските спрема странските кредитори и внатрешната финансиска стабилност, се вели во соопштението.