Каталонците излегоа на протести во Барселона по веста дека девет водачи за независност се прогласени за виновни и се казнети од девет до 13 години затвор.
Поголемиот дел од Каталонците, без разлика дали се сепаратисти или не изјавија дека обвиненијата и казните се претерани.
Гардијан пренесува дека демонстрант во Барселона носел плакат на кој пишувало: „Јас не сум за независност, но не сум ниту идиот“.
Централна Барселона е речиси непроодна за сообраќај, бидејќи демонстрантите се собираат на различни места во градот. Учениците од училиштата и универзитетите ги наполнија улиците, а наскоро им се придружија и вработените во администрацијата.
Студентски сојуз повика на „масовна непослушност“, а друга група повика да се блокира главниот терминал на аеродромот во Барселона. Голем број полицајци ги спречија демонстрантите да ги блокираат железничките линии. Полицијата, исто така, го затвори пристапот до Парк де ла Цитадела која се наоѓа во непосредна близина на зградата на парламентот на Каталонија во Барселона.
Каталонската фудбалска федерација ги откажа сите натпревари и тренинзи во солидарност со затворените лидери, додека фудбалскиот клуб Барселона ги осуди казните и повика на дијалог.
Врховниот суд во Шпанија осуди деветмина лидери на борците за независност на Каталонија на казни затвор од девет и 13 години за заведување поради нивната улога на референдумот за независност во 2017 година.
За тројца други кои се прогласени за виновни за непослушност, не им се изречени затворски казни.
Ориол Јункерас, поранешниот потпретседател на Каталонија е осуден на највисоката казна затвор од 13 години, а за него обвинителството бараше 25 години затвор.
Дванаесетте политичари и активисти ги негираа обвиненијата.
Врховниот суд на Шпанија во меѓувреме издаде европски налог за апсење на поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон.
Пуџдемон веќе две години се наоѓа во Белгија, а судот во Германија во јули минатата година одби да го испорача, во периодот кога привремено престојуваше во оваа земја.





