Во повеќе сојузни држави во САД вчера се одржаа голем број протести против емиграционата политика на претседателот Доналд Трамп и во знак на поддршка на Американците со муслиманска вероисповед, објави АП.
Повеќе илјади граѓани припадници на различни вери се собраа во Њујорк. Најмасовниот настан се случи под името „И јас сум муслиман“ одржан на Тајмс сквер во оргганизација на неколку групи, вклучувајќи ја и Фондацијата за етничко разбирање.
Некои од демонстрантите носеа знамиња на САД, а други знаци на кои беше испишано „Без забрана за муслиманите“.
Градоначалникот на Њујорк Бил де Блазио говореше на собирот, истакнувајќи дека мора да се отстранат сите стереотипи, со напомена дека Америка како земја е основана да ги штити сите вери и убедувања.

Трамп го започна исполнувањето на предизборното ветување дека ќе ја реши илегалната емиграција, а издаде и извршна наредба со која на граѓаните од седум земји со мнозинско муслиманско население им се забранува влез во САД.
Бизнисменот и еден од моќниците во светот на хип хоп музиката Расел Симонс кој го предводеше настанот, рече дека муслиманската заедница во САД се користи како жртвено јагне, но додаде дека разноликоста ќе победи.
Во Орегон, стотина луѓе се собраа во неделата пред тамошниот капитол за да изрзат поддршка за имиграционите права.
Дестина луѓе, пак, истовремено одржаа контрапротест за поддршка на Трамп.




