Ден на жалост прогласи денеска Русија по вчерашната трагедија со уривање на патничкиот авион во кој животот го загубија 244 патници вклучително и екипажот на авионот.
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати сочувство до претседателот на Руската Федерација Владимир Путин по повод авионската несреќа.
– Со шок и неверување ја примив веста за ужасната авионска несреќа и искрено жалам за загубените животи од оваа голема трагедија. Нема соодветни зборови што ќе ја намалат Вашата и тагата на семејствата на настраданите, но дозволете ми во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име да Ви упатам изрази на мое најискрено сочувство. Во овие тешки мигови, нашите мисли и молитви се со Вас и со пријателскиот народ на Русија, вели македонскиот претседател.
Според информациите на Министерството за цивилната авијација на Египет, авионот А-320 со лет KGL9268 полетал од Шарм ел Шеик за Санкт Петербург во 5.51 часот вчера изутрина. Тој исчезнал од радарите по 23 минути лет. Авионот паднал во централниот дел на област во планински регион меѓу градовите Ел Кант и Ел Лаксима, крај градот Ел Хасна.
Руската амбасада во Каиро, потврди дека нема преживеани во несреќата на рускиот патнички авионт. На официјалната страница на социјалната мрежа, амбасадата, изјави дека сите 244 луѓе патници вклучително и екипажот кои биле во летот на рускиот авион се загинати.
Поголемиот број од патниците се руски државјани кои биле на одмор во Шарм ел Шеик.
Иако египетскиот огранок на екстремистичката група Исламска држава (ИС) соопшти дека неговите припадници го собориле патничкиот авион кај Синајскиот полуостров, руските власти велат дека таа информација не може да се смета за вердостојна и дека истрагата ќе покаже која е причината за ваквата трагедија.




