Романската влада на премиерот Сорин Гриндеану денеска се соочува со гласање на доверба во Парламентот, по донесувањето на уредбата за декриминализација на прекршоците на функционери, која предизвика масовни повеќедневни протести во голем број романски градови, пренесува АП.
Како што се наведува, се очекува владата на Гриндеану да го „преживее“ гласањето, бидејќи неговата Социјалдемократска партија и АЛијансата на демократските либерали имаат мнозинство во Парламентот.
Минатата недела, Владата без согласност на Парламентот ја усвои спорната уредба, поради која стотици илјади Романци излегоа на улиците барајќи оставка од Владата и од претседателот на Романија.
Претседателот Клаус Јоханис, пак, во обраќањето во Парламентот вчера изјави дека земјата е во политичка криза после масовните протести на демонстрантите против владините мерки кои би ги ослабиле антикорупциските закони во земјата.
Јоханис пред пратениците, навести дека социјалдемократската влада би требало да си поднесе оставка за да се реши кризата, но посочи дека мисли оти не треба да се распишат нови избори.




