Во Брисел денеска е одбележана првата годишнина од повеќекратните терористички напади во кои загинаа 32 луѓе, а над 300 беа ранети.
Утринава во 7 часот и 58 минути со минута молк беше одадена почит на жртвите на аеродромот Завентем, каде на излезниот терминал одекна првата бомба. Таму се разнесоа двајцата бомбаши самоубијци идентификувани како Ибрахим Ел Бакраиу и Наџим Лахрауи, при што загинаа 16 луѓе.
Потоа со минута молк во 9.11 часот одадена е почит на жртвите на метро станицата Молбек каде се разнесе бомбаш самоубиец во вториот напад, каде загинаа исто така 16 луѓе.
За еден од најтешките и накрвавите напади во Европа, одговрноста ја презеде Исламската држава.
Напаѓачите живееле во блиското прадградие Молбек, а истражителите веруваат дека се поврзани со џихадистичка ќелија која неколку месеци претходно ги изврши нападите во Париз.
Се верува дека во нападите е користен експлозив познат под името „мајка на сатаната“, кој исто така е користен и во нападите во Лондон во 2005 и во Париз. Бомбите биле скриени во куфер.
Исламската држава соопшти дека нападот е одмазда за апсењето на Абделслам, организатор на терористичките напади во Париз, во кои беа убиени 120 луѓе. Стручњаците веруваат дека Брисел е избран и симболично како срцето на Европа.
Исто така, недалеку од бриселскиот аеродром се наоѓа и седиштето на НАТО, а станицата на метрото има еден излез и во една до зградите на Европската комисија.
Во деновите по нападот, во Белгија на сила беше вонредна состојба. По бриселскиот масакр, нападите во Париз и Ница, а потоа и серијата напади во Германија, ширум Европа беа подигнати мерките на безбедност на јавните места.







