Турција е подготвена да прими уште десетици илјади Сиријци кои се собираат на турската граница и бегаат од последната офанзива во Алепо на трупите на сирискиот режим.
“Режимот блокираше еден дел од Алепо. Ако бегалците кои се нашите порти и немаат друг избор, ние мораме да ги пуштиме нашите браќа и сестри да влезат кај нас”, изјави претседателот Ердоган на враќање од турнеја во Латинска Америка и Сенегал.
Од пред една недела повеќе десетици илјади цивили, пред се жени и деца, го напуштија Алепо поради борбите што се водат секојдневно помеѓу сириската армија која ја има руската поддршка и бунтовниците.
Во последните 48 часа околу 35.000 луѓе се насобрани на границата со Турција, вели гувернерот на оваа турска провиниција и додава дека овој број може брзо да достигне 70.000 луѓе.
Досега Турција не дозволуваше влез за Сиријците кои остануваа во кампови на локалитетот Баб ал-Салама и во кои живеат во студ и тешки услови.
Според агенцијата АФП границата беше се уште затворена утринава но турски функционер соопшти дека е отворена за итни случаи.
Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу изјави дека неговата земја останува верна на својата политика за отворени граници но не прецизираше кога овие луѓе ќе можат да влезат во Турција.
Турција досега прими 2.7 милиони Сиријци.




