Претседателката на Македонската асоцијација на новинари (МАН), Слаѓана Димишкова, кон крајот на октомври, до генералниот секретар на Асоцијацијата, Драган Павловиќ – Латас, поднела оставка од функцијата, која се уште е во процедура.

Како што вели Димишкова за НОВА, таа оставката ја поднела од лични причини, но ќе остане член на МАН.

„Оставка поднесов кон крајот на октомври до генералниот секретар од лични причини. Сите други одговори побарајте ги таму“, рече Димишкова, дополнувајќи дека останува член на Асоцијацијата.

Таа вели, не знае кој ќе ја наследи на претседателското место и не упати за сите подетални прашања да се обратиме до генералниот секретар.

Во процедура е, информираше Димишкова, организација на Генералното собрание на МАН, каде треба да се верификува нејзината оставка и да се избере нов претседател.

Генералниот секретар Драган Павловиќ – Латас не е достапен за коментар и не одговара на телефонски повици и смс-порака.

Страницата man.mk, како што објави „Призма“ во моментов не функционира и истата ги префрла пребарувачите кон vecer.mk, но и за ова Димишкова вели прашањето треба да се адресира кон генералниот секретар, бидејќи таа не раководела со веб страницата на МАН.

МАН е здружение кое се формираше како паралелно на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) од новинари кои во јавноста важат за блиски до претходната владејачка гарнитура.

До последниот момент кога функционираше веб-страницата, во Извршниот одбор на МАН беа наведени Дејан Николовски, Ивона Талевска, Маја Дамјановска, Градимир Марковски, Катерина Нешкова, Ѓорѓи Томиќ, Мартин Пушевски и Филип Момировски.

Како потпретседатели фигурираа Цветин Чилиманов и Петар Ѕалев, а претседател беше Слаѓана Димишкова.