Секогаш тргнувам од интересот на граѓаните и мојата намера е да се изнајде начин да им се помогне пред се на граѓаните. Кажувањата дека јас го кочам процесот за задолжувањето за 90 милиони евра се демантира, ако се земе предвид мојата досегашна кооперативност, што за оваа Влада кооперативноста и професионалноста се веројатно реткост или непознато, па оттука и нивното однесување, напиша дополнителката заменик министерка за финансиии, Гордана Димитриеска Кочоска на својот Фејсбук профил.
„Одобрување на нешто повеќе од една милијарда евра од моја страна, се средства кои меѓу другото се за поддршка на мерките за справување со кризата предизвикана од Ковид-19, што подразбира: поддршка за економијата, поддршка за здравството, помош на загрозените и ранливи категории на граѓани, овозможување на исплата на платежните картички, како поддршка за добар дел од другите мерки што ги презема Владата. Сепак, јас не можам да говорам за начинот на кој оваа Влада ги носи одлуките, но еве јавно ќе прашам, дали 90 милиони евра, кои патем претставуваат наменски средства, што значи единствено треба да се трошат според утврдената намена, треба да се одобрат без притоа да се дадат податоци за секоја од намените и за тоа како се утврдил предвидениот износ“, потенцира Димитриеска Кочоска.
Дополнителната заменик министерка за финансии нагласи дека се нејасни многу аспекти што ги ги наведе на социјалната мрежа.
„Во наменски кредит кој за цел има брз одговор на Ковид-19 е предвидено ретроактивно финансирање до 30 отсто од вкупниот кредит или 27 милиони евра за трошоци настанати од 1 февруари. Податоци за тоа кои се овие трошоци нема. Првиот случај со инфициран од Ковид-19 во Македонија е подоцна од 1 февруари, но и за тоа нема објаснување. Во наменски кредит кој за цел има брз одговор на Ковид-19, која е оправданоста на трошок од 800.000 евра од кои 360.000 евра за ангажирање на експерти и остатокот за обука на медицинскиот кадар, одговор нема. Нели целта ни е дигитализација на општеството, зошто нема онлајн обуки и овие средства да се наменат за директна поддршка на граѓаните!? – Податоци за тоа како се оправдува итноста на надградбата на системот „Мој термин“ што се предвидува во временска рамка од 8,5 месеци, а чини 200.000 евра, нема. Зошто има неусогласување на износите за набавка на медицинска опрема во Планот од СБ и планот на министерство за здравство, одговор нема. Која е потребата од набавка на дронови?. Со оглед дека веќе е донесена Уредба со која се предвидува доделување на поддршка со платежни картички, а со цел купување на производи за храна и основни средства, во однос на моето прашање за потребата од 830.000 евра за доделување на пакети за храна, одговор нема. Се преговарало речиси еден месец пред да се побара мој потпис, на прашањето зошто не ме вклучија претходно, се разбира дека нема одговор, а притоа, проблем е ако барам податоци за намената и оправданоста. Тоа не се пари кои Владата треба да ги врати од приватниот фонд на СДС, тоа се пари кои граѓаните на Македонија ќе ги враќаат. Бидејќи гласно се говори за моето непотпишување, зошто од мене се бара одобрување? Прашувам, бидејќи сме сведоци дека од мене не се бараше одобрување за задолжувањето од 13.800.000 милиони евра, преку Светската банка во однос на договорот за заем за финансирање на проектот за администрирање на социјалното осигурување (во месец февруари). Патем јас и тогаш бев дополнителен заменик министер! Има ли оваа Влада принципи, знае ли кој за што и кога е надлежен?“, стои во постот на Димитриеска Кочоска.