Директорот на Државната видео лотарија, Дане Кузмановски, ќе добие животно осигурување со државни пари. Оваа институција објави оглас за избор на осигурителна компанија со која ќе склучи договор за менаџерско осигурување од несреќен случај (смрт од незгода, смрт од болест и траен инвалидитет) за период од една година.
Со менаџерското осигурување директорот ќе биде осигуран 24 часа.
Сумата што од буџетoт на ова друштво ќе биде платена за животот на директорот Кузмановски за период од една година е 4800 евра, со што во случај на смрт од незгода или болест, на семејството ќе му биде исплатена сума од 20.950 евра, за трошоци за лекување се предвидени 9.000 евра, дневен надомест 50 евра, а во случај на траен инвалидитет на директорот ќе му бидат искеширани 40.000 евра.
Дане Кузмановски не е единствениот директор кој ги користи парите од компанија која претставува јавно-приватно партнерство за лични бенефиции. НОВАТВ објави и дека генералниот директор на Државното станбено претпријатие Цветко Грозданов и четворицата неизвршни членови на Одборот на директори со пари од буџетот ќе добијат животно осигурување.
На прашањето зошто на Грозданов граѓаните да му плаќаат животно осигурување, тој се повика на менаџерскиот договор и статутот на претпријатието во кое оваа привилегија му е наведена.




