Веста стаса во 2 часот изутринава по европско време: севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го покани на средба американскиот претседател Доналд Трамп, изјави висок северно-корејски функционер.
На што Трамп, се разбира во негов стил преку Твитер, одговори дека ја прифаќа средбата и дека таа може да се одржи до крајот на мај. Сепак, порача дека е „супер” што ќе се сретнат, но дека санкциите што ги наметнаа САД врз Северна Кореја продолжуваат да важат додека не се стави на хартија она што го најави Ким Џонг-ун.
Оваа вест беше тотално незамислива уште вчера. Но таа доаѓа по средбата на една висока јужно-корејска делегација која беше во посета на Северна Кореја и се сретна со лидерот на оваа земја. Сето тоа по две години силни тензии поврзани со нуклеарната програма на Северна Кореја, програма која го вознемири целиот свет.
Разговорите меѓу двете делегации, на кои еднаш присуствувал и самиот лидер на Северна Кореја, траеја два дена и донесоа свеж ветер во односите меѓу двете Кореи, но исто така и го изненадија светот со одлуката на Ким Џонг-ун дека е подготвен да стави „вето” на нуклеаризацијата на својата земја ако му бидат пружени доволно цврсти меѓународни гаранции дека нема да има закани на адреса на Северна Кореја.
По ваквата одлука на северно-корејскиот лидер, јужно-корејскиот претседател веднаш реагираше и порача дека тоа е „огромен напредок во насока на мирот”.
Аналитичарите веќе се прашуваат како ли ќе изгледа средбата на двајцата лидери. Ким Џонг-ун ја наследи власта и има 6годишно искуство и може да остане на власт уште десетици години.
Трамп е најчудниот претседател во историјата на САД а во демократска земја е важно како медиумите ќе ја покријат оваа посета. Северно-корејските медиуми не го загрижуваат Ким Џонг-ун бидејќи тој има целосна контрола врз нив.
Двајцата лидери долго време разменуваа навреди но експертите велат дека и двајцата ценат лојалност а во своите советнички екипи имаат членови од нивните семејства. Двајцата сакаат паради и режирани настапи пред јавноста.
Досега ниту еден американски претседател се нема сретнато со лидер на Северна Кореја, а односите меѓу двете земји со години се толку лоши, што немаат ни дипломатски преставништва.




