Пишува: Александар Милошевиќ

Во моментот кога се создаваат овие редови, на 12 јули во 23.08 часот навечер, цената на струјата на спот пазарот во Србија изнесува 405 евра по мегаватчас.

Тоа не е највисоката цена во Европа – во Франција, да речеме, е 455 евра, а во Грција 451 евро. Не е ни највисоката во текот на овој ден – пред само три часа, во 20 часот навечер, струјата ја плаќавме 493 евра, поскапо одошто Швајцарците, а малку поевтино од Романците.

Ваквата слика се повторува секој ден, иако е лето, време кога притисокот врз енергетските системи ширум Европа е значително послаб отколку во зима. Секој ден, Електростопанство на Србија е принудено да увезува струја по цени кои во просек достигнуваат 360 до 380 евра по мегаватчас и потоа да ја продава по 75 евра на стопанството, или уште поевтино на граѓаните. Така, со секој киловат кој го увезува, ЕСС само уште повеќе се дави. А тоа, увезува ли увезува.

Децениското систематско еродирање на најважниот стопански систем во државата доведе до тоа зимава да се расипе најголемата термоелектрана во Србија. Се расипа онака како што на домаќинка ѝ се расипува правосмукалката или пластичната ламба. Како кинески фен за коса, термоелектраната „Никола Тесла“, гордоста на југословенското инженерство, едноставно цркна еден ден, кога наместо јаглен во котлите ѝ туриле кал. Потоа цркна и мрежата трафостаници и далноводи. Па се запали багер од 19 милиони евра, па експлодираа котли… Епилогот е 650 милиони евра кредит за увоз на најскапата струја во историјата, затоа што без тој долг не би работеле светилките во Србија, а фабриките би морале да запрат со работа. Понатамошен епилог е дека струјата сега ќе мора да поскапи и до 20 отсто, како што пресмета Фискалниот совет, а дека електраните и понатаму не работат како што треба.

Србија денеска нема ниту доволно струја, ниту доволно јаглен, и таква ја дочекува зимата во време на најголемата енергетска криза во Европа. Во Германија цената на струјата со испорака во текот на една година штотуку достигна 340 евра по мегаватчас, сигнал дека никаква нормализација не е ниту на повидок. Прашање е дали некогаш повторно ќе ги видиме цените од 50, 60 евра кои важеа пред војната во Украина. Дури и во времето на глобалната криза од 2008 година, овие цени не надминаа 100 евра за мегаватчас, а сега изнесуваат четири пати по толку.

Европа продолжува да ги сече своите економски врски со Русија, а Русија продолжува да се заканува со затворање на гасот за Европа. Глобалниот резултат се рекордни нивоа на инфлација, која во Србија официјално достигна 11.9 отсто.

Сето тоа нѐ остава со стравот дека во новата зимска сезона влетуваме без падобран. Рестрикциите за кои сѐ почесто се зборува веројатно нема да се остварат – државата увезува јаглен дури од Кина, за граѓаните да не ги преживуваат повторно 90-тите, кога снемувањето струја беше секојдневие. Но, ризикот постои. Поради нашите интерни пропусти, сега сме препуштени на екстерни опасности кои се вон наша контрола. Ако судирот меѓу ЕУ и Русија навлезе во зимските месеци, кога енергетскиот лост што го контролира Москва ќе биде значително посмртоносен отколку во овие топли јулски денови, побарувачката за секој киловат може да стане толку голема што едноставно нема да има доволно електрична енергија на пазарот за сите. Тоа е екстремно сценарио, но на него се изложивме самите со својата немарност. А и ако има струја, цената ќе биде во стратосферата и Србија ќе ја плати со помало вложување во патишта, канализации и јавни услуги, како што уште сега почна да ги одложува градежните работи за да ги пренамени средствата за набавка на енергенси.

А струјата, секако, е само дел од сложувалката. Каде е гасот? Каде е нафтата? Каде е огревот? Па транспортот, топланите, индустријата, храната? Практично сѐ.

Во јули не изгледа така, но навистина ни претстои скапа и студена зима. И поскапа и постудена од претходните.

Авторот е уредник на економската рубрика во весникот „Данас“.

Преземено од okruzenje.com