Британски новинар Бенџамин Хол, кој известуваше за „Фокс њуз“ за војната во Украина, вчера е ранет и примен во болница, јави американската телевизија. Инцидентот се случил во регионот на Киев, но засега е непозната природата на повредите.
„Бенџамин Хол беше ранет додека собираше информации надвор од Киев“, се вели во краткото соопштение за печатот.
„Во моментот имаме малку детали, но Бен е во болница и нашите тимови на терен се обидуваат да соберат дополнителни информации во време кога ситуацијата брзо се развива“, додава телевизијата.
Украинската јавна обвинителка Ирина Венедиктова на својата Фејсбук страница, исто така, објави дека е повреден британски новинар. Таа објасни дека бил погоден од шрапнел во ногата и се наоѓа на одделението за интензивна нега. Обвинителката објави и фотографија од прес-картичката на новинарот.
За време на викендот беше убиен американскиот новинар Брент Рено, кој известуваше за воените операции во Ирпин, северозападното предградие на Киев. Во истиот напад е повреден уште еден новинар. Рено, според украински лекар, бил застрелан во задниот дел од главата додека возел. Украинските власти веднаш ги обвинија руските противници дека пукале во автомобилот, но тешко е да се утврди од чија страна биле истрелите. Рено беше првиот странски новинар убиен во Украина од почетокот на руската офанзива.
Во врска со веста за повредениот британски новинар, Здружението на дописници при Стејт департментот соопшти „дека е згрозено од тоа што му се случило. Бенџамин Хол обично покриваше вести поврзани со Стејт департментот пред да оди да известува од Украина. Претходно работеше како новинар во Лондон“.




