На југот на Србија во Горњи Гајтан, во општината Медвеѓа, се наоѓа селото Аџинци кое името го носи уште од владеењето на Турците. Но во ноември мештаните одлучиле да го преименуваат во Путиново.
Порталот Политико пишува дека името е според рускиот претседател Владимир Путин, кого мештаните го гледаат како „словенски брат“ и еден од најспособните државници, кој се залага за мир и се бори против американскиот тип на освојувачка политика.
Сите 12 куќи, колку што ги има во Аџинци, едногласно се согласиле да стане Путиново, а дозвола од општината, според нив, не им е потребна.
– Одлучивме да раскрстиме со отоманското наследство и со името кое селото го носи според турскиот аџија кој тука владеел. Кога ги разгледувавме опциите за ново име, помладите жители предложија да биде Путиново. Тоа е нивна идеја. Путиново звучи убаво и лесно се изговара. Од секогаш бевме свртени кон Исток. Се подигнуваат споменици на Роки Балбоа, на Брус Ли, зошто тогаш и нашево селце да не го наречеме според Путин? Русите се нашите традиционални пријатели, вели еден од жителите во репортажата на Политико.
По гласањето за промена на името, тие една недела работеле на новиот знак на влезот во селото. Го направиле од огромна даска од даб и на неа го изрезбале името.
Во чест на рускиот претседател и локалната ракија е наречена „путиновка“, а жителите често со неа се собираат на местото наречено „библиотека“, каде како што велат „има повеќе пијалок, отколку книги“.
Но, откако на власт во САД дојде претседателот Доналд Трамп, тие се надеваат дека имаат уште еден „пријател“ на висока позиција. Очекуваат ребаланс на силите на Балканот, повлекување на САД и поголемо влијание на Русија.




