Вечерва во 20 часот во кафе барот „Филхармонија“ (во зградата на Филхармонија) Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ ќе ја додели наградата „Роман на годината“ за 2021 година.

Романот „Денот на црвот“  е богат на ниво на стил, книжевна постапка, тон на раскажување, а хуморот, иронијата, суптилната пародија се само некои од стратегиите што авторката ги користи за да го збогати читателското искуство и да ги нијансира значењата на текстот, стои меѓу другото, во образложението на жири-комисијата, во состав Владимир Јанковски, Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева.

За наградата „Роман на годината“ во најтесниот круг оваа година од 39 романи, влегоа четири романи и тоа „Денот на црвот“ од Симона Јованоска (Или-или), „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски (Или-или), „Деса“ од Ивана Трајаноска (Арс Либрис) и „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ (Паблишер).

Наградата годинава се доделува по 23-ти пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари, чиј генерален покровител, веќе петта година по ред е „Комерцијална банка“ АД Скопје. Во последните неколку години наградата е финансиски поддржана и од Министерството за култура.

Лауреатката Симона Јованоска вели дека е среќна и возбудена што е добитник на оваа награда, но како што рече, романот никогаш не е напишан за оваа цел, туку како што посочи, е пишуван во еден исклучително специфичен период.

„Многу сум среќна, возбудена, многу ја сакав оваа награда. Нема да бидам скромна, да кажам дека не ја сакав, никогаш овој роман не го напишав со таа цел, за да добијам што било. Беше пишуван во еден исклучително специфичен период за мене, во време кога почна пандемијата. На кратко, станав мајка по втор пат, се најдов дома затворена и под еден таков исклучително тежок период, кој што во сите други ситуации можеби би ме обесхрабрил, кај мене делуваше обратно. Ме поттикна, ми беше ‘тригер’ за да напишам нешто, и на тој начин да си помогнам себе си“, рече лауреатката. Додаде дека наградата ќе и претставува дополнителна мотивација за во иднина.(Р.Н.)