Дванаесет партии од Европската народна партија (ЕПП) од девет земји денеска побараа исклучување или отстранување на унгарската партија Фидес, соопшти лидерот на ЕПП Жозеф Дол.
Тој за германскиот весник „Ди Велт“ изјави дека добил доволно писма за да го стави членството на Фидес на Виктор Орбан на дневен ред на следниот состанок на ЕПП, кој треба да се одржи на 20 март. Според него, „постои граница и Виктор Орбан ја преминал црвената линија”.
Орбан веќе неколку години е критикуван поради антиимигрантска реторика. Во последниве неколку недели тој налути многумина во ЕПП со кампањата, во која ги обвини лидерите на Европската унија за промовирање на масовната имиграција.
На негова мета се најдоа претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и американскиот милијардер Џорџ Сорос.
Писма до Дол испратиле дванаесет партии членки на ЕПП од девет држави. Тоа се партиите Демократско-хуманистички центар (Белгија), Демохристијани и Фламанци (Белгија), Националната коалициска партија (Финска), Нова демократија (Грција), Сојуз Татковина – литвански демохристијани (Литванија), Христијанскосоцијалната народна партија ( Луксембург), Хојре (Норвешка), Демохристијански повик (Холандија), Народната партија (Португалија), Социјалдемократската партија (Португалија), Демохристијани (Шведска) и Умерената коалициска партија (Шведска).
Германската Христијанско-демократска унија, баварската Христијанска социјална унија и австриската Народна партија не испратија писма до Дол и покрај критиките на нивните лидери кон Орбан.
Со писмо до претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол, лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис бара да се спроведат внатрешни процедури за партијата Фидес на Виктор Орбан да биде суспендирана од членството во ЕПП.
Како што соопштуваат од Нова демократија, Мицотакис пишува дека не може една партија да ги ужива привилегиите од нејзиното учество во ЕПП, а во исто време да одбива да го преземе потребниот товар согласно европските политики, а како главен пример ја посочува позицијата на Орбан во однос на миграцискиот проблем со која „го прекршува принципот на европската солидарност“, пренесува МИА.
Лидерот на најголемата грчка опозициска партија вели дека „заобиколувањето на основните уставни принципи, интервенциите во правдата и обидот за контрола на медиумите се практики кои не се применуваат само од страна на владата на Орбан“.
– Ова се практики кои ги применуваат сите популистички влади, без оглед на нивното идеолошко потекло. И, секако се применуваат и во мојата татковина, во Грција, каде владата на СИРИЗА систематски ги поткопува демократските институции и владеењето на правото, пишува Мицотакис и додава дека кога „такво однесување покажува партија што ѝ припаѓа на нашето политичко семејство, не можеме да се преправаме дека не гледаме“.
-Треба да се испрати јасна порака до нашите унгарски пријатели дека ова нивно однесување не може веќе да се толерира, му пишува Мицотакис на Дол, соопштуваат од Нова демократија.




