Долниот дом на британскиот Парламент ќе заседава денеска, откако Врховниот суд вчера донесе пресуда дека суспензијата на Парламентот е нелегална, соопшти спикерот на Претставничкиот дом Џон Беркоу.
-Наредив подготовки не за повторно свикување, туку за продолжување на седницата на Долниот дом, бидејќи неговото распуштање беше нелегално, рече Беркоу.
Премиерот Борис Џонсон денеска ќе присуствува на Генералното собрание на ОН во Њујорк и потоа се очекува да се врати во Лондон. Од Њујорк тој порача дека нема да поднесе оставка, како што бара опозицијата, туку бара нови избори.
Џонсон се враќа во Лондон порано од планираното по одлуката на Врховниот суд на Велика Британија дека суспензијата на Парламентот на негово барање била незаконска.
– Очигледна работа која треба да се направи е организирање избори. Џереми Корбин (лидерот на опозициската Лабуристичка партија) сешто зборува, а би требало да бара избори, оцени Џонсон.
Претходно денеска тој рече дека не се согласува со одлуката на Врховниот суд, но дека британската Влада ќе ја почитува. Џонсон уште рече дека согласно сегашните законски прописи, Велика Британија ќе ја напушти Европската унија на 31 октомври.
– Согласно законските прописи, Велика Британија ја напушта ЕУ на 31 октомври, без разлика што ќе се случи, но возбудливо за нас е да постигнеме договор, изјави Џонсон пред новинарите во Њујорк.




