По неполни два дена расправа, пратениците го изгласаа буџетот за 2026, со 71 глас за и 14 против. Се планира во државната каса да се приберат над 6 милијарди евра, а да се потрошат 6,7 милијарди евра. Буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 отсто од БДП.
Владата очекува инфлацијата, догодина да се намали на 2,5 проценти, а растот на економијата да биде 3,8 отсто. Капиталните инвестиции се планирани на 650 милиони евра. За власта, буџетот е реален и развоен – се фокусира на забрзан економски раст и на постепено намалување на задолжувањата.
Главен двигател на растот ќе бидат инвестициите и приватната потрошувачка. За опозицијата буџетот е нереален, неразвоен и социјален. Според нив, растот е нереален, многу повисок од очекувањата на меѓународните институции, што ќе доведе до поголеми задолжувања и помали капитални инвестиции.




