Во Украина денеска се зголемува очајот, додека руските сили продолжија со напредувањето, а безбедните рути договорени за евакуација на цивилите беа спроведени само со делумен успех, јави дописникот на агенцијата ДПА од Киев.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски сигнализираше подготвеност за компромис, еден ден пред да се одржат мировните преговори во Турција.
Киев соопшти дека руските сили бомбардирале породилиште во Мариупол, при што биле повредени 17 лица. Досега само во Мариупол се убиени 1.207 цивили од почетокот на руската инвазија, според локален претставник.
До вечерва, руските сили дополнително напредуваа во Донбас со помош на руската армија и отидоа уште еден километар поблиску до Мариупол, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков, пренесува ДПА.
Руската армија, исто така, постигна напредок околу Харков, при што руските војници, според Пентагон, се приближија до градот.
Руските трупи, исто така, постигнаа напредок и околу Миколајев, рече претставник на американската одбрана, додавајќи дека се приближувале на 15 километри северно од градот.
„Русија во конфликтот уништи 81 украинска радарска станица за воздушна одбрана, што значи дека украинските системи за противвоздушна одбрана повеќе не се во можност да ги одбијат руските воздушни сили“, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана.
Од друга страна, официјален претставник на американската одбрана тврди дека украинскиот систем за противвоздушна одбрана останува функционален.
Вашингтон, исто така, соопшти дека Русија ја гаѓа Украина со бомби без систем за прецизно наведување.
Видовме индикации дека тие фрлиле неми бомби, рече претставник на американската одбрана, но, сепак, истакна дека тоа не може да се докаже во одредени случаи.
Тој соопшти за „зголемена штета на цивилната инфраструктура и бројот на цивилните жртви“.




