Државата го бара сето злато ископано во македонските рудници, пред сѐ од Бучим, но со ова не се согласуваат нивните сопственици. Тие велат дека во земјава нема капацитети што би можеле да го финализираат овој производ, а додаваат и дека нема да се согласат да го продадат под цената по која се продава на светските берзи. Ова беше речено денеска на прес конференцијата во Стопанската комора, одржана од Македонската асоцијација за рударство по повод на измените за Законот за рударство.

– Рудникот „Бучим“ кој засега е единствен производител на злато, годишно произведува 400 килограми злато во концентрат кои не можат да завршат во државните резерви – објаснува Николов кој е и заменик генерален директор на рудникот. Тој додаде и дека не е точно оти државните резерви се исполнети само со злато од Бучим.

Според него, во земјава нема металуршки капацитети, а нема шанси ни тие да се изградат зашто нема доволно работа за нив, а и нема доволна сировинска база.

– Топилницата во Велес е затворена и веројатно никогаш нема да проработи. Многу е скапо да се градат нови преработувачки капацитети зашто и постојните прилично тешко работат. Мала земја сме, без доволно ресурси и пристап до морски транспорт – додаде Николов.