Курто Дудуш сегашен градоначалник на општина Шуто Оризари, утринава сведочеше во Судот за настаните од 27 април. Тој кажа дека биле преплашени и дека не верувале дека ќе излезат живи од Собранието.
Дудуш кој за време на нападот на 27 април беше пратеник кажа дека го видел Игор Дуловски како ги насочува луѓето каде да се движат.
„ Кога толпата насилно влезе долу во прес-центарот и горе кај нас, јас успеав да излезам од таму. Симнувајќи се по скалите во ходникот пред прес-центарот го видов лицето Игор Дурловски, не сум сигурен, но мислам дека додека стоеше ги насочуваше луѓето кај да одат. Не сум сигурен, но мислам дека и кон мене испрати луѓе велејќи им ’и овој е еден од нив‘. Јас бев на скалите успеав, да ги оттурнам кога пробаа да ме нападнат. Потоа обезбедувањето на Собранието ме однесе во една канцеларија“, сведочеше Дудуш .
Денеска ќе сведочат и заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, кој за време на нападот на Собранието на 27 април беше обезбедување на Оливер Спасовски.