Над 200 пожарникари во текот на ноќта се бореа со огнените јазици на две различни локации, во централна Грција и на Пелопонез, по вчерашните пожари кои сè уште активни, поради што превентивно се евакуирани неколку села и еден хотел, јави дописничката на МИА од Атина.

Битката со огнената стихија продолжува и утрово, пожарите се гасат и од воздух со авиони и хеликоптери.

Едниот пожар е во централна Грција, во близина на градот Итеа, а преку бројот за итни случаи 112 е побарано од жителите што се наоѓаат во северниот дел на градот да се евакуираат.

Во вториот пожар, во близина на Краниди на Пелопонез, утрово е подобрена ситуацијата, иако пожарот сè уште не е локализиран, а синоќа беа евакуирани туристите сместени во голем и луксузен хотел.